Макрадули: СДСМ мора да се врати на концептот „Глас +“ и да гради единство

Поранешниот функционер на СДСМ, Јани Макрадули, преку објава на социјалните мрежи се осврна на актуелните случувања во партијата, потсетувајќи на политичките околности од 2013 година и пораките што, како што вели, и денес се релевантни.

Макрадули пишува дека последните настани во СДСМ и сеќавањата од социјалните мрежи го вратиле во периодот по настаните од Настаните од 24 декември 2012 во македонското Собрание, кога опозицијата, според него, била под силен притисок, а власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ била на врвот на својата моќ.

Тој посочува дека во тој период, и покрај политичките притисоци и малата поддршка, мотивацијата кај членовите на СДСМ била силна, а кампањата се водела директно меѓу граѓаните.

„Теренот беше покриен од утро до вечер, не покажувавме со прст и не броевме, туку работевме. Тоа го чувствував како обврска, но и како љубов – љубов кон градот што најмногу го сакам и кон идејата дека СДСМ може и знае поинаку“, наведува Макрадули.

Тој потсетува дека тогашната политичка борба продолжила и во вториот круг од изборите, со пораката „Глас +“, која, според него, не била само изборен слоган, туку политички концепт што подразбира вклучување, слобода, еднаквост и солидарност.

Во објавата, Макрадули нагласува дека лојалноста кон партијата и државата не значи слепо следење, туку одговорност – да се мисли, да се зборува и да се придонесува со идеи.

Според него, тешките разговори во партијата не треба да водат кон поделби, туку кон зрел дијалог и аргументирана расправа.

„Кога времињата стануваат сериозни, не ни требаат избрзани одлуки ниту зборови што навредуваат. Тешките муабети не смеат да бидат катализатор на раслојување, туку простор за дијалог и приближување“, наведува тој.

Макрадули оценува дека на СДСМ му се потребни единство, разум и зрелост, како и заеднички фронт за промени кој ќе обединува и ќе носи одговорност.

Во објавата тој упатува и критики кон актуелната власт, оценувајќи дека државата се соочува со неизвесност и дека е потребен нов политички пристап.

„Македонија мора да се промени, но првиот чекор почнува од сопствениот двор. Според мене, тој чекор е искреното враќање на концептот ‘Глас +’, кој вклучува, обединува и се отвора кон сите разумни и одговорни луѓе“, наведува Макрадули.