Американскиот претседател Доналд Трамп и францускиот претседател Емануел Макрон одржаа прес-конференција по нивната средба во Белата куќа. Тие рекоа дека Путин можеби ќе се согласи со мировните сили во Украина.
И покрај нивните огромни разлики во ставовите, Доналд Трамп и Емануел Макрон во понеделникот изјавија дека сакаат да работат заедно за да се стави крај на војната во Украина, на третата годишнина од почетокот на руската инвазија на таа земја. Францускиот претседател, кој беше примен од неговиот американски колега во Овалната соба, вети разговори за „траен“ мир и изрази надеж за „силен“ американски ангажман во оваа насока.
Говорејќи пред камера, Трамп им рече на новинарите дека војната може да заврши „за неколку недели“ и исто така рече дека Владимир Путин може да дозволи европските мировници да бидат стационирани во Украина како дел од потенцијалниот мировен договор.
„Тој се согласи, директно го прашав“, рече Трамп.
Доналд Трамп ја започна прес-конференцијата опишувајќи го Макрон како негов пријател. Тој рече дека е „воодушевен“ што му посака добредојде во Белата куќа.
„Целта на нашата денешна средба е да ставиме крај на уште една битка, навистина ужасна, нешто што не сме го виделе од Втората светска војна“, рече Трамп. Тој вели дека војната во Украина никогаш немаше да се случи доколку тој беше претседател.
„Време е да се врати мирот и мислам дека ќе го направиме тоа“, рече Трамп, додавајќи дека имале одлични разговори во кои била вклучена и Русија.
„Од моето враќање во Белата куќа, постигнавме поголем напредок кон таа цел за еден месец отколку во изминатите три години“.
Тој вели дека сега фокусот е на постигнување траен мир.
„Исто така, задоволен сум што Макрон се согласува дека цената и товарот за обезбедување мир мора да ги сносат народите на Европа, а не само САД, и дека Европа мора да ја преземе таа централна улога во обезбедувањето на долгорочната безбедност на Украина, што тие сакаат да го направат“, рече тој.
Трамп вели дека САД обезбедиле многу повеќе помош за Украина од која било друга земја. Тој вели дека има голема разлика во парите потрошени од Европа и парите потрошени од Америка.
Макрон рече дека сака да ги обедини сојузниците и да постигне мир во Украина и дека мирот треба да го обезбеди суверенитетот на Украина, односно мирот да не значи предавање на Украина.
„Овој мир не смее да значи предавање на Украина или прекин на огнот без гаранции, тој мора да дозволи украински суверенитет и да и дозволи на Украина да преговара со другите засегнати страни за прашања што ја засегаат“.
Трамп вели дека верува оти Русија прави се за да обезбеди крај на војната.
„Пред да дојдам овде немаше комуникација со Русија и Русија не возвраќаше на повиците“, им рече Трамп на новинарите.
„Кога дојдов овде, еден од првите повици што ги упатив беше до Путин и со голема почит. Тие сакаат да стават крај на оваа војна.
Трамп објасни дека сака да ја „запре војната“ или преку прекин на огнот или со директен договор.
Макрон рече дека Трамп потврдил дека наскоро ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски за договорот за минерали и дека тоа е важен дел од договорот.
Макрон нагласува дека секој мировен договор мора да има безбедносни гаранции за Украина, додека Трамп не го споменува, пренесува Би-би-си.
Макрон зборува за мировните сили кои би биле во Украина. Вели дека би дошле по потпишаниот договор. „Тоа би било прифатливо за Русија“, рече Макрон.
Тој рече дека ЕУ и САД ќе дадат гаранции за имплементација на договорот што го потпишаа Украина и Русија со испраќање војници како мировници, но не на првите линии на фронтот и окупираните територии, туку како поддршка за спроведувањето на договорот меѓу Зеленски и Путин.
Тој рече и дека немало таква определба од Западот во 2014. „Ова е пресвртница“, рече Макрон.