Со сведочење на матичниот лекар на малата Тамара и претставник од општата болница во Велес продолжи судското рочиште за смртта на девет годишното девојче. Матичната докторка, Розета Босилкова во судница дојде со здравствениот картон на Тамара.
„Цело време и бев матичен лекар на Тамара. Последната евиденција која ја имам е дека на 19.08.2014 година земен е упат за клиниката за ортопедија. На клиниката за педијатрија не е упатувана. Дека е почината дознав преку медиумите, а од обдукциониот наод дознав дека причина за смртта е пневмонија“, рече Босилкова.
Раководителот на правната служба при општата болница во Велес, Татијана Атанасова рече дека Итната медицинска помош ја донела Тамара во болница без знаци на живот.
„Детето е аспирирао, интубирано и реанимирано, во времетраење од 45 минути, но безуспешно, бидејќи детето е донесено без знаци на живот.“, изјави Атанасова.
Адвокатот Сашо Дуковски вели дека седум месеци малата Тамара иако имала бронкопневмонија не била носена на доктор.
„Цели седум месеци, не е отидено кај матичниот лекар за да се добие било каков упат за да се санира таа состојба со дишните патишта. Донесена е од страна на Брза помош, во несвесна состојба во болницата во Велес. Да не биде јавноста во заблуда, која е причината за смртта. Причината за смртта е бронкопневмонија, а не е сколиоза или закаснета или не извршена операција“, изјави Дуковски.
Со ова не се согласува мајката на Тамара. Вели дека како и секој родител ја носела редовно Тамара на преглед. Таа сè уште не го добила обдукцискиот наод.
„Секако дека ја носев, како и секој родител кој си го носи детето на лекување. Но, не е проблем лекувањето, туку постапувањето на комисиите, како постапувале, како дрско си поигруваа со на. Ги преудицираа роковите, поминува роковите, нив не им беше битно дали беше итно или не“, рече Жаклина Димовска.
На денешното рочиште беше одлучено екс-министерот за здравство Никола Тодоров да биде повлечен од сведок, но Димовска не се согласува со тоа.
„Сакам да се знае виситната, а не да се прикрива. Ова денес што се случи е фактички прикривање на вистината.“, рече Димовска.
Обвинение за смртта на Тамара беше поднесено против 12 лица за несовесно работење во случајот со лекување на 9-годишната Тамара Димовска од Велес, која почина и не дочека да појде на операција во странство.
Минатата година, Љупчо Стојановски инаку дедо на Тамара беше осуден на казна 7,5 години казна затвор за обид за убиство на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров. Стојановски пукаше во него непосредно пред тој да ја предаде должноста на новиот министер Арбен Таравари на 1 јуни 2017 година.