Денеска во Скопје ќе се одржи „Марш за ангелите“, организиран од семејствата на настраданите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Маршот ќе започне во 12:05 часот пред Обвинителството – како симбол на, како што велат, задоцнетата реакција на институциите – и ќе продолжи кон плоштадот „Македонија“, а ќе заврши пред Собранието.
Во своето соопштение, семејствата изразуваат разочараност од институциите:
– Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат, па пуштаат. Свесни ли се за и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со „фати, па пушти“, без да има јасно образложение за таа законска процедура, и што се создава во нашите мисли кои се на работ на себеуништување, се истакнува во пишаното известување од семејствата.
Тие најавуваат дека ќе продолжат со протестите и ја повикуваат целата јавност да им се придружи во борбата за вистината за смртта на нивните најблиски.
Од Обвинителството вчера беше упатен повик до семејствата на жртвите – доколку сакаат, денеска можат да остварат средба со јавниот обвинител и со обвинителите кои работат на случајот. Секое семејство може да одреди по еден свој претставник.
Во трагичниот пожар на 16 март загинаа 62 лица – 59 веднаш, а тројца подоцна од здобиените повреди. Речиси 200 лица беа повредени, дел од нив префрлени на лекување во странство. Меѓу жртвите беа и членови на музичкиот бенд „ДНК“, кој настапуваше таа вечер.
Истражната постапка за трагедијата ја водат 13 обвинители. Според Обвинителството, досега се извршени бројни претреси, сослушани се сведоци и собрани над илјада материјални докази. Под истрага се над 60 физички и три правни лица – меѓу кои и поранешни министри, градоначалници, полициски службеници и директори на институции.