Александар Ѓорчевски, татко на убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска денеска сведочеше во Кривичниот суд каде раскажуваше за моментите пред, и по грабнувањето на неговата ќерка.
Тој вели дека полицијата имала сомнежи кон него, додека пак цело време тапкале во место.
Му покажувале слики од девојчиња, го убедувале дека не си го познава детето, дека избегала со момче во Тетово, дека избегала во Шведска кај другар.
„Ме прашуваа колку станови имам, на чие име се водат. Колку возила поседуваме. А кога ќе споменевме дека Вања не е отидена по своја волја, пројавуваа дури и агресија кон нас. Имаше еден инспектор Владимир се викаше кој беше задолжен за распит на децата. Ми покажа една слика од девојче. Бевме во мојата кола, а се враќавме од станот на мајка ми. Сакаа да го видат и тој стан. На одговорот дека тоа не е Вања на сликата ми се развика дека не сум можел да го препознаам сопственото дете, каков татко сум бил. Потоа ја праша и Зорица“, вели Ѓорчевски.
Од комјутерот на Вања откриле и дека она со другар разменувала мислења околу Библијата и Куранот, па потоа го убедувале дека можеби се регрутирала во ИСИС и отпатувала за Шведска.
Ѓорчевски објаснува и за чуден инспектор по име Музафер, кој го однел да се повозат. кон Водно, наводно Вања сакала да ги казни, па се сокрила таму, запалила оган и чекала да помине време.
„По 15 минути рече да се спуштиме кон хотелот. Исто и таму прошета и се врати и после во судницата даде исказ како јас сум бил незаинтересиран и не сум ја барал Вања зошто сум знаел што се случило со детето. Ме правеа ретардиран, а да не зборувам дека цело време во погрешна насока ја водеа истрагата. Но што да правиш. Кај ги молиш да ти го најдат детето, реков во ред, како ќе кажеш“, рече Ѓорчевски.