„Метла“ во Влада – ќе се менуваат 7 министри, меѓу имињата и Тошковски, Трипуновски, Јаневска

Иако сè уште нема официјална потврда кога ќе се спроведе, реконструкцијата на Владата е неопходна, велат коалициските партнери во извршната власт. Се очекува да бидат сменети околу една третина од министрите.

Телевизија 21 неофицијално дознава од извори во Владата дека ќе има замени на министри и од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, и од коалицијата ВЛЕН, и од ЗНАМ, а причината се најслабите резултати во ресорите.

Според информациите на ТВ21, на неколку министри им се „ниша фотелјата“.

Неофицијалната листа на министри пред смена:

  • Панче Тошковски (ВМРО-ДПМНЕ), Министер за внатрешни работи
  • Цветан Трипуновски (ВМРО-ДПМНЕ), Министер за земјоделство
  • Зоран Љутков (ВМРО-ДПМНЕ), Министер за култура и туризам
  • Весна Јаневска (ВМРО-ДПМНЕ), Министерка за образование
  • Игор Филков (ЗНАМ), Министер за правда
  • Бесар Дурмиши (ВЛЕН), Министер за економија
  • Орхан Муртезани (ВЛЕН), Министер за европски прашања

Промени во ВЛЕН

Засега, единствената позната промена е најавена од заменик-претседателот за добро управување, Арбен Фетаи. Тој изјави дека Беким Сали ќе го замени Изет Меџити на функцијата прв заменик-премиер, бидејќи Меџити беше избран за градоначалник на Чаир.

Фетаи појасни дека Меџити имаше две улоги – прв вицепремиер и министер за животна средина.

„Сега, партијата на Меџити ќе предложи ново име за министер за животна средина и верувам дека во текот на оваа недела, најдоцна утре, ќе се сретнеме со премиерот како мандатар и ќе ги поставиме овие прашања за да најдеме решение согласно договореното меѓу коалициските партнери“, изјави Фетаи.

Во актуелниот владин кабинет има 15 министри од ВМРО-ДПМНЕ, 6 од ВЛЕН и 2 од ЗНАМ. Сè уште не е познато кои од замениците-министри ќе бидат променети, но од сите страни е соопштено дека ќе се задржат рамките на коалициските договори постигнати при формирањето на Владата.