Милиони муслимани на хаџ: Жештината е екстремна, над 40 Целзиусови степени

Голем број верници денеска се упатија кон планината Арафат каде повеќе од милион и пол муслимански аџии ќе го поминат денот читајќи го Куранот со молитва. Облечени во бело, некои аџии пристигнаа таму во мугрите за да се искачат на ридот висок 70 метри во близина на Мека, каде што пророкот Мухамед ја одржа својата последна проповед.

Инаку, аџиите се изложени на многу високи температури, што предизвикува здравствени проблеми.

Бројни верници пристигнаа да го извршат хаџот, една од обврските што сите муслимански верници мораат да ја извршат еднаш во животот, под услов да се физички способни да го остварат патувањето до родното место на пророкот Мухамед и под услов да имаат финансиски средства за патувањето.

Дозволите за Мека се доделуваат врз основа на квоти по земја.

„Ова е најважниот ден за нас“, рече Мохамед Асер, 46-годишен египетски аџија, додавајќи дека има список на луѓе кои побарале од него да се моли и за нив. „Се молам и за Палестинците, Господ нека им е на помош“, рече тој.

Се очекува температура над 43 Целзиусови степени

Министерот за хаџ, Тавфик ал Рабија, претходно предупреди дека нема да се толерираат политички слогани, но тоа не спречи еден од аџиите да извикува слогани за поддршка на Палестинците Откако ја поминаа ноќта во шатори во Мина, аџиите пристигнуваат во Арафат ги дочекуваат многу високи температури, имајќи предвид дека е еден од најтоплите региони во светот. Според официјалните прогнози, во сабота се очекува температурите да достигнат до 43 Целзиусови степени.

Бидејќи на мажите им е забрането да носат шешири, многумина носат чадори за сонце за време на ритуалот.

Саудиските власти организираа итни медицински центри и ставија на располагање околу 280 кревети за луѓето кои би можеле да се разболат, особено постарите лица. Минатата година за време на хаџот се забележани повеќе од 10.000 случаи на различни реакции на висока температура, меѓу кои 10 проценти се сериозни медицински случаи.

Муслиманските верници во недела ќе го одбележат Курбан Бајрам. Минатата година, повеќе од 1,8 милиони муслимани извршиле хаџ, од кои околу 90 отсто дошле од странство.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното