Многу луѓе во Германија во моментов страдаат од акутни респираторни заболувања.
Според најновиот извештај на Институтот Роберт Кох (RKI), водечка биомедицинска истражувачка институција на германската влада, бројот на инфекции во споредба со претходната недела продолжува да расте и се наоѓа на висок ниво.
Секоја недела се регистрираат околу 7,5 милиони нови случаи на респираторни заболувања, пишува Дојче веле.
Слични симптоми кај корона, грип и настинка
Во моментов најмногу луѓе се заразени со коронавирус, додека случаите на грип се сè уште релативно ретки. Меѓутоа, заеднички симптоми кај корона, грип и настинка се болки во грлото, кашлица и течење на носот. Повишена температура почесто се јавува кај грипот и короната отколку кај обичната настинка, а кај грипот симптомите често настапуваат ненадејно.
И корона и грип можат да доведат до потешки форми на болест и компликации. Германскиот здравствен портал gesund.bund предупредува дека тоа особено ги погодува ризичните групи – лица со слаб имунолошки систем, бремени жени и постари лица. Вирусот, на пример, може да предизвика пневмонија, што за постарите лица или хронично болните може да биде многу опасно.
Корона и грип можат да го оптоварат срцето
„Еден од симптомите на корона и грип е висока температура“, објаснува кардиологот Хериберт Шункерт. Воспалението што се создава во телото може да ги оштети органите, а особено го оптоварува срцето. „Срцето мора повеќе да работи, крвниот притисок паѓа, па срцето мора појако да пумпа“, вели кардиологот од Техничкиот универзитет во Минхен.
Инфекцијата со грип или корона може, иако ретко, да доведе до воспаление на срцевиот мускул. Многу почесто се случува лицето веќе да има постоечка срцева болест, а дополнителниот напор поради вирусот го влошува здравјето на срцето. „Разликата помеѓу полесни и потешки случаи со оштетување на органите сега е многу слична кај грипот и кај инфекциите со коронавирус“, објаснува Шункерт.
Препорака: Самотестирање при контакт со ризични лица
Здрави лица без хронични болести обично имаат благи до умерени симптоми и можат да се лекуваат дома. Поради тоа што и грипот и короната можат да имаат блага форма, понекогаш е тешко да се разликуваат од обичната настинка.
За да се утврди за кој вирус се работи, веќе подолго време постојат комбинирани тестови кои функционираат слично како и самотестовите за корона.
Лекарот општа пракса од Минхен, Оливер Абуши, ги препорачува овие тестови на лицата со зголемен ризик од потешка болест, бидејќи во такви случаи болеста може да се ублажи со навремено земање лекови.
Тоа важи и за лицата кои се во контакт со ризични групи. „Навистина има разлика дали ќе заразам некого со корона, грип или само со безазлен вирус на настинка“, нагласува Абуши.
Одење на работа со благи симптоми
Кај силни симптоми на настинка најчесто нема друга опција освен да се оди на боледување. Но, што ако се чувствуваме доволно добро за работа, а се плашиме дека можеме да ги заразиме колегите? Тоа е тешко прашање без единствен одговор, вели семејниот лекар. Најдобро е, доколку е можно, да се работи од дома.
Ако тоа не е опција, треба да се придржуваме до основни хигиенски мерки: миење на рацете, редовно проветрување на просторот и носење FFP2 маска.
Немачката Постојана комисија за вакцинација (STIKO) ги препорачува годишни вакцини на лицата над 60 години и на оние со хронични болести – против коронавирус и против грип. Овие вакцини го намалуваат ризикот од зараза и ја зголемуваат веројатноста зимата да се помине здраво и без компликации, пренесува Дојче веле.