Министерски состанок во Луксембург, Париз не ја открива својата позиција – Ќе има ли зелено светло?

Официјален Париз не ја открива својата позиција во однос на почетокот на преговорите за членството на Северна Македонија во ЕУ. Нема коментар ниту за наводната декларација која ја објави „Блумберг“. Според документот Париз е против каков било датум за формални преговори со Албанија и Македонија, пред ЕУ да ја заврши реформата на својата „методологија“. Немаше напредок во позициите на земјите-членки на ЕУ ниту по синоќешниот амбасадорски состанок во Луксембург. ставот на Франција останува непроменет во однос на преговорите со Тирана и Скопје. Париз смета дека е потребно повеќе време за реформа на преговарачкиот процес за земјите-кандидати и дополнителни докази за борбата против корупцијата и независноста на судството во Албанија и во Северна Македонија. Решавањето на статусот на СЈО и предметите, Франција постојано ги враќа на маса во дискусиите со европските партнери.

Иако претходно холандскиот парламент даде зелено светло, сепак пред почетокот на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, Штеф Блок изјави дека позицијата на Холандија е дека секоја земја треба да биде оценувана според исполнувањето на критериумите. На маса го стави Законот за јавно обвинителство, за кој власта и опозицијата се уште не можат да се договорат. Блок вели дека доколку овој услов биде исполнет, тогаш можат да стартуваат пристапните преговори.

„Двете земји направија големи напори. Во однос на С.Македонија мислиме дека треба да биде преземен уште еден важен чекор, а тоа е законот за јавно обвинителство. Ако тој услов биде исполнет мислиме дека пристапните преговори треба да почнат. Во однос на Албанија, пак, мислиме дека треба да заврши уште работа и се уште не е подготвена за почеток на преговори“, рече Блок.

Позицијата на Германија е јасна. Според министерот за Европа Михаел Рот, Бундестагот одамна го кажал својот збор, сега е време ЕУ да ги исполни своите ветувања.

-Позицијата на Германија е кристално јасна. Поддржуваме старт на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија врз база на гласањето во германскиот Бундестаг. Европската унија презема одговорност за мирот, стабилноста, демократијата и помирувањето на Западен Балкан. Тоа значи дека мораме да ги исполниме ветувањата-вели Рот.

Јоханес Хан се огласи на Твитер. Порача дека кредибилитетот на ЕУ е на тест, но сепак се надева дека на крајот ќе има „зелено светло“ за датум за старт на преговорите.

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното