Министерството за здравство го мапира човечкиот капитал во здравствениот систем низ целата држава

Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска на прес-конференција соопшти дека Министерството започнало со прва темелна анализа на човечките ресурси во здравствениот систем, како јавен така и приватен, низ целата држава.

„Кога кажав дека здравствениот систем ќе го гледаме како жив организам, а не како хаотична збирка од установи, многумина се прашуваа што тоа значи во пракса. Денеска имаме прв одговор – анализа на податоците за моменталната состојба на човечки ресурси во сите здравствени установи“, изјави Алиу.

Процесот вклучува вкрстување на податоци од повеќе институции, меѓу кои Централниот регистар, Агенцијата за вработување, Лекарската и Стоматолошката комора, Фармацевтската комора, Управа за електронско здравство и Фондот за здравствено осигурување.

Според анализата, во земјата има вкупно 3.779 здравствени установи, од кои 2.942 се дел од мрежата на здравствени установи, а 837 се надвор од мрежата. Од нив, 2.830 се приватни, додека 112 се јавни здравствени установи, вклучувајќи и институции како Војната медицинска академија, Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет во Скопје.

Бројот на вработени изнесува 32.383 лица, од кои 18.536 работат во јавниот, а 13.847 во приватниот сектор. Во јавниот сектор, 4.746 се лекари на секундарно и терцијарно ниво, 7.003 се медицински сестри, а останатите се медицински и немедицински кадар, како возачи на брза помош, хигиеничари, магационери и клинички фармацевти.

Алиу нагласи дека резултатите од анализата ќе послужат како основа за креирање на здравствени политики базирани на точни и ажурирани податоци. „Ова е динамичен регистар кој ќе овозможи да се следи движењето на човечките ресурси во реално време – од пензионирања и нови вработувања до специјализации и трансфери меѓу установите“, рече министерот.

Министерот додаде дека анализата ќе овозможи оптимизација на човечките ресурси, рамномерна распределба на кадарот и планирање на нови вработувања според конкретните потреби на здравствениот систем. Особено внимание ќе се посвети на недостасокот на лекари и медицински сестри според европските стандарди, како и на профили каде што има излишок или недостаток на кадар.

„Сега, кога ќе зборуваме за зајакнување на примарното здравство или отворање нови специјализации, тоа ќе биде базирано на реални потреби и точни бројки, а не на желби или историја. Со оваа матрица на човечки ресурси ќе можеме правично да ги распределиме кадрите и да ја зголемиме ефикасноста на здравствениот систем“, нагласи Алиу.

Овој проект е дел од националната стратегија за здравствен човечки капитал на Министерството за здравство за наредните десет години и претставува основа за реформите во целиот здравствен екосистем.