Министерството за здравство отвори уште две дежурни педијатарски служби во Скопје

За болните деца од Скопје во ноќните часови ќе има три дежурни педијатриски служби. Покрај пунктот во Јане Сандански кој беше отворен во 2015, за две недели ќе профункционираат и тимовите во поликлиниките Ѓорче Петров и Бит пазар кои на малите пациенти ќе им бидат достапни 24 часа.

Здравствените власти очекуваат на овој начин да ги растеретат гужвите на Детска клиника и во болницата во Козле,  а родителите  лекарска помош да можат да побараат и во близина на местото на живеење. Во службите ќе работат лекари од Здравствен дом Скопје кои овој период оделе на практична и теоретска обука за педијатриска патологија.

-Идентификувавме лекари од областа на педијатријата и семејна медицина кои правилно ќе бидат распределени во скопските поликлиники. После 8 часот кога имаат потреба од лекар а нема каде да отидат, овде во клиника е невидена гужва, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

И додека здравствените власти најавуваат нови, пунктот во Јане Сандански во минатото често беше на критика од родители дека нема лекар и без потреба губат време кога пак ќе завршат на скопските клиники. Надлежните, пак, со уверување дека новото функционирање на службите повеќе нема да предизвикува револт кај пациентите.

Во сезоната на вирусни и респираторни инфекции и алармантно загадување на воздухот, Клиниката за детски болести е преполна со болни деца а иста е состојбата и со детската болница во Козле.

Фото за вовед: 
Категорија: 

Извор: Сител