Премиерот Христијан Мицкоски денеска, по гласањето во вториот круг од локалните избори во основното училиште „Димо Хаџи-Димов“ во општина Карпош, изјави дека чувствува како овие избори да се „продолжување на процесот на реформи и развој“ во земјата.
Мицкоски, кој гласаше заедно со сопругата Рози, посака изборниот ден да помине мирно и достоинствено, исто како и во првиот круг, кој, како што рече, бил „најдемократски и најфер организиран во демократска Македонија“.
– Посакувам и денешниот ден да биде таков. Им благодарам на сите граѓани кои излегоа и гласаа во првиот круг, како и на оние кои денес повторно ќе ја изразат својата волја – истакна премиерот.
Тој нагласи дека на овие избори постои јасна разлика помеѓу понудените политички концепти, при што ја истакна поддршката за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ која, според него, добила „огромна доверба“ од граѓаните во првиот круг.
– Очекувам таа разлика да биде уште појасна и победата уште поголема и после овој втор круг. Не смееме да дозволиме помали и бучни групи да ја кројат нашата иднина – порача Мицкоски, додавајќи дека граѓаните треба да ја земат иднината во свои раце.
Премиерот потенцираше дека реформскиот процес е веќе започнат и дека следува период на „вистински развој по децении во кои се гледало повеќе за поединци, отколку за државата“.
– Овие локални избори се дел од континуитетот на промените што веќе се случуваат, дел од процесот на обновување и напредок на Македонија – изјави Мицкоски.
Во одговор на новинарско прашање, тој се осврна и на кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, за кого рече дека ќе донесе „драматична разлика“ уште во првите денови по изборот.
– Верувам дека е силно мотивиран, ќе ја има мојата поддршка, поддршката од Владата и од мнозинството во Советот на Град Скопје. Очекувам голем чекор напред – додаде премиерот.