Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска ќе се соочи со барањата на земјоделците, кои веќе 50 дена протестираат на повеќе локации низ земјата. Средбата ќе се одржи во Атина, а и денеска патиштата и граничните премини ќе останат отворени – услов што Владата го постави како предуслов за дијалог.
Земјоделците формираа делегација од 25 претставници и шестмина набљудувачи, кои ќе ги изложат 14-те клучни барања. Меѓу нив се: поевтина струја и гориво за сите земјоделци, обесштетувања за болести кај животните и за природни непогоди, надоместување на изгубениот приход, како и прашањето за договорот Меркосур.
Во традиционалната неделна објава на Фејсбук, Мицотакис вчера потсети дека Владата од почетокот избрала дијалог, но без да дава лесни ветувања и без потези кои би ја нарушиле економската стабилност. Тој нагласи дека рамката за владините интервенции е јавно дефинирана и ограничена од фискалните можности, социјалната праведност и европските правила.
„Целта не се парцијални решенија, туку праведен, транспарентен и ефикасен систем на земјоделски субвенции што ги поддржува реалните производители, без притоа да се нанесува неправда на остатокот од општеството“, порача премиерот, додавајќи дека таков систем може да обезбеди подобри производи и повисоки приходи.
Протестите почнаа на 30 ноември со блокади на автопатишта, гранични премини и регионални делници, а тракторите и понатаму остануваат паркирани по улиците, најчесто во една сообраќајна лента.
Мицотакис веќе во вторникот одржа средба со претставници од 18 земјоделски блокови – оние кои уште минатиот месец се одвоија од останатите и побараа директен дијалог со Владата.

