ММФ: Глобалниот јавен долг би можел да достигне речиси 100% од БДП

Глобалниот јавен долг би можел да достигне речиси 100 отсто од БДП до крајот на оваа деценија, надминувајќи ги нивоата забележани за време на пандемијата, предупреди Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во својот Фискален монитор објавен денеска.

ММФ очекува јавниот долг да порасне за 2,8 процентни поени оваа година, што е повеќе од двапати побрзо од минатата година, со што ќе дојде до 95,1 отсто од бруто домашниот производ, објави Блумберг.

Експертите велат дека трговските тензии предизвикани од САД ќе го забават глобалниот економски раст и ќе ја зголемат нестабилноста на финансиските пазари.

Владите ширум светот ќе се соочат со спротивставени барања бидејќи се под притисок да го намалат задолжувањето, а истовремено да трошат за да ги зајакнат слабите изгледи за раст, рече ММФ.

Долгот би можел да порасне уште побрзо доколку трговските тензии не се смират во блиска иднина, како и поради очекувањата за повисоки воени трошоци од страна на некои земји.

Построгите и понестабилни финансиски услови во САД би можеле да имаат реперкусии за пазарите во развој и економиите во развој, што ќе доведе до повисоки финансиски трошоци, се додава во извештајот.

Прогнозата беше објавена како дел од пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка во Вашингтон, кои започнаа на 21 април и ќе траат до 26 април.

Главните теми се глобалните предизвици како што се забавувањето на економскиот раст, должничките кризи, климатските промени и трговските тензии.

Пролетните состаноци во Вашингтон ги собираат гувернерите на централните банки, министрите за финансии и развој, членовите на парламентот, лидерите на приватниот сектор, претставниците на граѓанските организации и академиците за да разговараат за прашања од глобално значење.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното