МНР реагираше на Венко Филипче: Нема доволно познавање на меѓународната политика

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) остро реагираше на, како што наведува, „јавните напади“ на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изнесени на денешната прес-конференција. Според Министерството, Филипче упатил „низа навреди“ и дал „произволни заклучоци“, со што, како што се наведува, покажал „недоволно познавање на меѓународната политика“ и ги занемарил суштинските аспекти на носењето стратешки и глобално важни одлуки.

Во реакцијата на МНРиНТ се истакнува дека СДСМ става акцент на дневната политика, наместо на долгорочните државни интереси и на јакнењето на меѓународната позиција на Северна Македонија.

„Одлуките за гласањето на нашата држава за резолуции на Генералното собрание на ОН се резултат на серија дипломатски контакти, темелни анализи и консултации. Истите се усогласени со позициите на влијателните меѓународни чинители и се донесени во координација со нашиот стратешки партнер – САД“, стои во соопштението на Министерството.

МНРиНТ дополнително нагласува дека со ваквите одлуки Македонија ја реафирмира својата цврста поддршка за Украина и нејзиниот територијален интегритет, суверенитет и демократија. Министерството истакнува дека надворешната политика на Владата е конзистентна, со јасна заложба за активно и конструктивно учество во решавањето на глобалните предизвици.

Во реакцијата се додава и дека честите високи дипломатски посети на САД сведочат за заложбата на државата за зајакнување на партнерството со Вашингтон. Од Министерството истакнуваат дека Северна Македонија останува целосно посветена на усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и на процесот на европска интеграција, што, како што се вели, останува еден од највисоките надворешнополитички приоритети на државата.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното