Европската унија треба да бара новите камиони да имаат нула емисии на CO2 почнувајќи од 2040 година, според главниот преговарач на Европскиот парламент за мерките за намалување на влијанието на транспортниот сектор врз климатските промени.
Европската унија подготвува построги еколошки стандарди за новите камиони на европскиот пазар, а крајната цел би била нула емисија на CO2 до 2050 година на територијата на Унијата.
Во февруари, Европската комисија, која ги подготвува законите на ЕУ, им предложи на производителите да ги намалат просечните емисии на CO2 од сите нови камиони на продажба за 90% до 2040 година.
Европскиот парламент ќе размисли за заострување на тоа правило на 100%, според нацрт-извештајот на пратеникот и главен преговарач на ЕП Јаник Јадот од клубот на Зелените.
Намалувањето на CO2 за камионите во 2030 година треба да изнесува 65%, а во 2035 година дури 95%, според Jadot.
„Ова е навистина нешто што ни треба за да се увериме дека европските производители се на вистинскиот пат во споредба со меѓународната конкуренција“, додаде тој.
Некои производители веќе се обврзаа да ги декарбонизираат своите тешки возила. Daimler Truck вети дека нивните нови камиони ќе бидат неутрални за CO2 од 2039 година во Европа, САД и Јапонија.
Европратениците ќе гласаат за нацрт-извештајот на Јадот подоцна оваа година пред преговорите со владите-членки на ЕУ за конечната легислатива.
Холандија и Данска, на пример, го поддржаа намалувањето на емисиите на CO2 за 100% до 2040 година, додека други, вклучително и Чешка, сметаат дека ЕУ не треба да ја поставува оваа долгорочна цел.
Јадот рече дека ослободувањето на камиони кои испуштаат CO2 по 2040 година ќе ја загрози основната климатска цел на Европската унија.
Во 2021 година, камионите во ЕУ биле во просек стари 14 години и имале дизел мотори, според податоците објавени од Европската асоцијација на производители на автомобили.