Постои загриженост дека серија земјотреси на грчки остров би можеле да ја најават ерупцијата на вулкан скриен под островот. Но, колкава е веројатноста за такво нешто?
Постои загриженост дека серијата потреси може да биде знак за претстоен голем земјотрес или дури и вулканска ерупција. Санторини е „дете“ на поранешниот вулкан Тера (alli Thira), кој експлодирал и потонал околу 1620 година п.н.е.
Тоа беше еден од најмоќните вулкански настани во историјата за кои знаеме.
Вулканска ерупција на Санторини – крајот на минојската цивилизација? Тогаш експлозијата на вулканот уништи голем дел од островот и создаде огромна калдера која денес е исполнета од морето. Ерупцијата исто така испушти огромни количества пепел што зафати поширока област на Егејското Море.
Слоеви од пепел од Санторини дури се пронајдени во мразот на Гренланд, што укажува на глобалното влијание на настанот. Ерупцијата предизвика и заладување на климата и влијаеше на растот на земјоделските култури во поширокиот регион.
Пепелта и масивното цунами што следеше по ерупцијата, сепак, најверојатно предизвикаа пад на минојската цивилизација, една од првите европски цивилизации што процветаа на Крит во тоа време.
За време на експлозијата на вулканот, повеќе од половина од островот се урна во себе, а сè беше поплавено од морската вода, создавајќи таканаречена калдера со карактеристична кружна форма. Денес, калдерата која остана по ерупцијата е една од најубавите и најпрепознатливите природни атракции на Грција.
Во областа Санторини има два вулкански центри Санторини лежи на геолошка карактеристика наречена Хеленски (или грчки) вулкански лак, синџир на вулкани кои биле формирани пред околу 2,5 милиони години со поместување на тектонските плочи.
Во оваа област сè уште постојат активни вулкански центри, рече др. Димитрис Сакелариу, експерт за морска геологија од Грчкиот центар за морски истражувања.
„Во оваа област има два главни вулкански центри: првиот се наоѓа под калдерата на Санторини, а вториот, подводниот вулкан Колумбос, се наоѓа на околу 7 километри североисточно од Санторини“, рече тој.
Во моментов, веројатноста за ерупција е мала
За среќа, експертите се согласуваат дека сегашната сеизмичка активност не е поврзана со ниту еден од вулканите во областа.
„Сеизмичката активност се развива одвоено од вулканската активност. Сегашната сеизмичка активност не се совпаѓа со локациите на вулканските центри“, рече Сакелариу. Земјотреси се детектирани во сеизмички активното подрачје на Егејското Море, каде има многу тектонски раседи.
Во оваа област, егејската тектонска плоча се движи кон југ и ја поместува африканската тектонска плоча. Како што плочите се тријат една со друга, триењето предизвикува зголемување на притисокот што периодично се ослободува како земјотрес.
Дури и ако земјотресите се поврзани со вулканска активност, веројатно нема да претставуваат сериозна закана за островот, објаснува грчкиот експерт.
Професорот Дејвид Пајл, главен вулканолог на Универзитетот во Оксфорд, се согласува. „Во моментов нема знаци на промена во вулканскиот систем на Санторини и веројатноста за ерупција е многу мала“, рече тој.
Прашање од милион евра
„Ниту сеизмичката активност од 2011-12 година не доведе до ерупција, а во последните 300 години, сите вулкански ерупции на островот Камени во калдерата на Санторини вклучуваа само мали ерупции на лава или мали експлозии на пепел кои не претставуваат директна закана за главниот остров“, објасни тој.
Позагрижувачка е можноста дека серија земјотреси со низок до умерен интензитет би можеле да навестат посилен земјотрес. Некои островјани сè уште се сеќаваат на земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што ги погоди Аморгос и Санторини во 1956 година.
Земјотресот однесе 53 животи, предизвика голем број повредени и голема материјална штета. „Тоа предизвика и големо цунами кое го поплави брегот на блиските острови, а висината на брановите достигна 20-30 метри над брегот“, рече Сакелариу.
Почувствуван е и долж северниот брег на Крит и на источниот брег на Турција.
Сепак, Д-р Сакелариу вели дека „прашањето за милиони евра“ е дали сегашните земјотреси ќе доведат до сличен настан.
„Сеизмолозите имаат две сценарија: првото, поверојатно, е дека активноста ќе продолжи неколку дена, недели или месеци со слични или помали магнитуди и постепено ќе престане. Друго сценарио, кое е помалку веројатно, е активноста да заврши со силен земјотрес, по што ќе почне да се намалува“, рече тој.