Благоја Ралповски, претседател на Конфедерација на слободни синдикати (ККС), во интервју за „Радио Слободна Европа“, истакна дека доколку Владата ги усвои овие нови мерки, вакцинација или ПСР тест на трошок на работникот, ќе ги искористат радикалните мерки.
„Можно е да отпочнат протести, можно е да отпочнат и штрајкови. Синдикатот е една организација која се заснова на солидарност. Тука верувајте дека и колегите коишто се вакцинирани се спротивставуваат на овие мерки, затоа што мислам дека е нехумано некого да тераме со сила да прави нешто што со закон не е одредено“, изјави Ралповски.
Претседателот на ККС, додаде дека она што го најавил Филипче, било сосема неуставно и дискриминирачки.
„Не може вработените во јавниот сектор или кој било работник, со уцени да се тераат да се вакцинираат за да може да влезат на работно место. Тоа е забрането со Устав, забрането со закони, впрочем и во Европскиот совет, која е најстара европска институција донесоа резолуција во која кажаа дека вакцинирањето треба да биде доброволно. И сега наеднаш како гром од ведро небо доаѓа уцена до работниците коишто не се вакцинирани дека не може да одат на работа доколку не се вакцинирани“, вели Ралповски.