Муцунски разговараше со Кос: Во фокус изнаоѓањето конкретни и одржливи решенија за транспортните оператори

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на кој беа разгледани клучни прашања поврзани со економската соработка и евроинтегративниот процес на земјата.

Во фокусот на дискусијата беа изнаоѓањето конкретни и одржливи решенија за предизвиците со кои се соочуваат професионалните транспортни оператори, како и прашањето за челичните тарифи.

Муцунски ја нагласи итната потреба од навремена и координирана акција за да се избегнат потенцијалните негативни ефекти врз домашната економија.

За време на разговорот, министерот ја препотврди силната посветеност на државата кон реформскиот процес, акцентирајќи го континуитетот во имплементацијата на неопходните промени. Тој посочи дека усвојувањето на законодавството кое е во сржта на европската агенда останува врвен приоритет, со цел забрзување на патот кон полноправно членство во Европската Унија.