Муцунски за повлекувањето на Мицкоски: Партијата сакаше да го смениме Статутот за да остане, но тој одби – дали министерот е следниот лидер?

Одлуката на Христијан Мицкоски да се повлече од лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на третиот мандат е реткост во светската политика и потег за почит, смета министерот за надворешни работи и потпретседател на партијата, Тимчо Муцунски.

Во интервју за „360 степени“, Муцунски открива детали од „кујната“ на ВМРО-ДПМНЕ, признавајќи дека членството вршело притисок да се смени Статутот за Мицкоски да остане на чело и понатаму, но лидерот останал доследен на принципите.

„Мислев дека ќе се премисли“

Муцунски вели дека често разговарале на оваа тема и признава дека очекувал поинаков исход, со оглед на популарноста на партијата и изборните резултати.

„Често мислев дека на крајот, претседателот Мицкоски сепак ќе донесе поинаква одлука… Но, расположението во рамките на партијата беше, до конгресот, да се промени Статутот. Тоа искрено ќе ви го кажам. И принципиелноста, да, остана на дело“, вели Муцунски.

Тој додава дека ваквата одлука, да се најави заминување по четири години во екот на најголема моќ, е нешто што „нашата држава не го памти, а ретко се гледа и во светски рамки“.

Муцунски за амбициите: „Секој човек има амбиција, но…“

На директното прашање дали тој лично има амбиција да влезе во трката за наследник на Мицкоски, Муцунски даде дипломатски, но искрен одговор.

„Секој човек, како битие, има амбиција. Мојата амбиција, во моментот, е единствено насочена кон функцијата којашто ја обавувам… Свесен сум дека и од страна на медиумите и пошироката јавност ќе има таква дискусија. Но, следните четири години лидер на ВМРО-ДПМНЕ е Христијан Мицкоски и тој ја има нашата максимална поддршка. Би било некоректно сега да навлегувам во такви одговори“, рече Муцунски.

Според актуелниот Статут на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на партијата може да извршува најмногу три мандати, правило кое самиот Мицкоски го воведе и сега инсистира да се почитува.