На Мерко му било срам да се вози со стари возила, кривични за ДИК, градоначалникот и директор на студентски дом

Кривична постапка против градоначалникот на Струга Рамиз Мерко да поведе Обвинителството, бараат антикорупционерите. Причината е незаконско работењето во кое е и набавката на 4 автомобили во вкупна вредност од околу 120 илјади евра, од кои и луксузното ауди со вредност од околу 67 илјади евра. Во образложението Мерко навел дека набавката на луксузното возило му било потребно бидејќи му било срам да се вози во автомобилите кои ги имала општината, а кои според него биле стари. Тој автомобилот го купил иако општината имала големи финансиски проблеми и нерешени прашања како со набавка на противпожарни возила стари неколку децении од кои најновото е од 1990 година. Мерко барал аудито да има кожен волан со аудио команди, сензори, автоматско затемнување на внатрешниот ретровизор, алуминиумски тркала, навигациски систем, кожни седишта и други луксузи. Во образложението Мерко наведува дека пишувањата во медиумите биле злобни и тенденциозни со цел да му наштетат на неговиот углед.

„Како што наведува во своето изјаснување градоначалникот се воздржувал од патувања на многу важни состаноци и средби со образложение од други причини бидејќи му било срам да ја каже правата вистина дека нема возило за патување со повисоки перформанси. Набавката на нови возила доаѓа во период кога Струга има други проблеми за решавање со набавка на нови камиони за противпожарна служба, комплетно решавање на проблемот со депонијата и водата за пиење.“, рече Нури Бајрами, член на ДКСК.

Бидејќи сметката на општината била блокирана уште од првиот мандат на Мерко во 2009 година тој постојано поднесувал барања за зголемување на сумата.

Антикорупциска ќе бара и Судскиот совет да го преиспита работењето на струшкиот судија и одлуките кои ги носел со кои се одобрувале барањата на градоначалникот Мерко за зголемување на минималната сума за функционирање на општината. Такво барање поднел и претходниот градоначалник Зијадин Села, но истиот судија му го одбил барањето.

Антикорупциска најави и барање за кривично гонење на одговорно лице во Државната изборна комисија задолжено за набавки бидејќи изборот на фирма за печатењето на изборниот материјал бил незаконски.

„Постапката е спроведена со преговарање без објавување на оглас со цел договорот за јавна набавка тенденциозно да се подели на економскиот оператор печатница Киро Дандаро од Битола, притоа добар дел од стручните служби во ДИК да остварат материјална корист. Во процесот на преговарање секогаш бил поканет и економскиот оператор Европа 92 од Кочани кој преземал дејства со цел да се олесни доделувањето на договорот на печатницата Киро Дандаро бидејќи сопственикот на Европа 92 е член на бордот директори на печатницата Киро Дандаро од Битола“, вели Ивановска, претседател на ДКСК.

Антикорупционерите бараат и кривично гонење и на директорот на Студентскиот дом Томе Стефановски Сениќ, поради незаконско и несовесно работење.

Извор: ТВ21