Придонесите од вработените не се доволни за покривање на трошоците за пензии, при што трошокот за еден пензионер го покриваат речиси двајца вработени.
Државниот завод за ревизија утврдува сериозни недостатоци во функционирањето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Иако приходите на ПИОМ се зголемуваат секоја година, истовремено расте и буџетската дупка, бидејќи социјалните трансфери растат со слична динамика. Во 2023 година, Фондот инкасирал рекордни 63 милијарди денари од наплатени придонеси, но и покрај тоа, буџетскиот дефицит од над 30% бил покриен со средства од државниот буџет.
Финансиските предизвици не се единствениот проблем во работењето на ПИОМ. Ревизорите откриле фиктивни вработувања и спорни исплати. Во платниот список на Фондот биле евидентирани 206 лица кои примале плата без докази дека навистина доаѓале на работа. Покрај тоа, за вработени кои „постигнале особени залагања“ во 2023 година биле исплатени 2,5 милиони денари во форма на награди, но без соодветна документација што ја оправдува исплатата.
Дополнително, ревизорот укажува дека Фондот со години се соочува со недостиг на стручен кадар, особено во клучните сектори, подрачните единици, ИТ одделението и внатрешната ревизија.
Во извештајот се наведува и дека претходната влада го прекршила Изборниот законик со донесување на Закон за финансиска поддршка на социјално ранливите категории само два месеци пред распишувањето на претседателските и парламентарните избори. Според ревизорите, во предизборниот период биле исплатени речиси 2 милијарди денари, што е спротивно на членот 8-а од Изборниот законик.
Пензискиот фонд дополнително го оптоваруваат извршителите, кои во 2023 година повлекле над 4 милиони денари од пензионерските сметки за покривање на долгови.
Ревизијата на подрачните единици покажала дека ниту еден од објектите не ги исполнува основните хигиенски стандарди. Уништени натписи, недостиг на стручен кадар, како и несоодветни услови за чување на предметите, кои не се заштитени од влага, кражба или поплава, дополнително ја нагласуваат лошата состојба во која функционира Фондот.