Најголем товар за буџетот во 2026 ќе биде враќањето на еврообврзницата од 700 милиони евра

Најголем предизвик за финансирањето на јавниот долг во 2026 година ќе биде враќањето на еврообврзницата од 700 милиони евра, истакна денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Според неа, токму оваа обврска е најголемиот товар за буџетот во наредната година.

Таа објасни дека Владата ќе направи комбинација од странско и домашно задолжување, со цел да не се оптовари домашниот банкарски сектор и да се овозможи поголема поддршка за приватните компании.

„Покрај ова, имаме речиси 200 милиони евра дополнителни обврски кон странство — стари долгови што треба да ги вратиме. Затоа е предвидено финансирањето да се обезбеди преку нова еврообврзница во износ од 950 милиони евра, кој можеби ќе се зголеми. Во план се уште 350 милиони евра дополнително странско задолжување и околу 400 милиони евра преку домашниот пазар,“ изјави министерката на прес-конференција во Владата, каде го презентираше Предлог-буџетот за 2026 година.

Димитриеска Кочоска нагласи дека зголемувањето на јавниот долг ќе биде исклучиво во рамки на буџетскиот дефицит, кој изнесува 39 милијарди денари.

„Сè друго е наменето за сервисирање на стари обврски кои се преземени во претходните години,“ додаде таа.

Во однос на проекцијата за вкупниот јавен долг, министерката рече дека точниот податок ќе биде објавен до крајот на денот, бидејќи сè уште се чекаат усогласувања со податоците на Државниот завод за статистика.

„Во моментов јавниот долг изнесува околу 58,5 проценти од БДП, и најверојатно до крајот на годината нема да ја надмине границата од 60 проценти, иако првично беше предвидено да достигне над 62 проценти,“ изјави Димитриеска Кочоска, додавајќи дека конечниот податок ќе зависи и од задолжувањата на јавните институции и претпријатија кои не се директен дел од буџетот.