Најмалку 53 лица загинаа, а десетици други се повредени по силниот земјотрес во Кина, јавуваат државните медиуми на земјата.
Американскиот геолошки институт (USGS) соопшти дека регистрирал земјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтер, со центар во регионот на Тибет.
Според кинескиот центар за земјотресни мрежи, тој удрил во планинска област, во близина на границата со Непал, кратко по 9.05 часот (1.05 часот по Гринич) во вторникот.
Државната телевизија Кинеската централна телевизија (CCTV) соопшти дека епицентарот бил во регионот Тингри, на околу 380 километри (240 милји) од главниот град на Тибет Ласа и на околу 23 километри (14 милји) од вториот по големина град во регионот Шигатсе – познат и како Ксигазе.
Шигатсе е еден од најсветите градови на Тибет. Тој е дом на манастирот Ташилхунпо – традиционалното седиште на Панчен Лама, кој е втор само по Далај Лама во однос на духовниот авторитет во тибетскиот будизам.
Кинеската државна новинска агенција Ксинхуа, цитирајќи го регионалниот штаб за помош при катастрофи, соопшти дека покрај 53-те загинати, 62 други се повредени.
Околу 1.500 пожарникари и спасувачи се ангажирани да бараат луѓе во урнатините, соопшти кинеското Министерство за вонредни состојби.
Според државните медиуми, првичниот земјотрес бил проследен со голем број последователни потреси со јачина до 4,4 степени. Потреси беа почувствувани и во главниот град на Непал, Катманду, како и во Бутан и северна Индија.
Аној Раџ Гимир, главен офицер на областа Солухумбу во Непал, рече: „Почувствувавме многу силен земјотрес. Досега немаме добиено никаков извештај за повредени или физичка загуба“.
Земјотресот се случи во област каде што се судираат индиската и евроазиската плоча, предизвикувајќи издигнувања кои ги формираат хималајските планини.