Во централна Хрватска синоќа се судрија патнички и товарен воз, при што загинаа најмалку три лица, а 11 се повредени.
Судирот се случил околу 21:30 часот по локално време, во близина на градот Новска, кој се наоѓа во близина на границата на Хрватска со Босна.
„Ударот беше огромен“, рече премиерот Андреј Пленковиќ, кој веднаш дошол на местото на несреќата заедно со други владини претставници.
Пленковиќ потврди дека досега се пронајдени тела на три лица на местото на несреќата, но рече дека може да се најдат повеќе жртви во утринските часови, јави ТВ „ТРТ“.
Повредените се хоспитализирани, некои се со тешки телесни повреди, но никој не е во животна опасност, додаде тој.
„Ноќ е, нема светлина, во моментов не знаеме дали има повеќе жртви“, рече Пленковиќ.
Причината за судирот не е веднаш јасна.
Патничкиот воз бил од локалната линија. Во него патувале 13 лица, додека во товарниот воз бил само машиновозачот, рече Пленковиќ. Според него, меѓу ранетите има и странски државјани.
Според надлежните, по судирот двата воза се превртеле. Покрената е истрага за утврдување на причините за судирот.