Нацртана марама на муралот на Мајка Тереза: „Зарем ваков однос заслужи од своите сограѓани?“

Католичката црква во Македонија денеска излезе со официјално соопштение во кое изрази жалење и осуда за, како што наведува, недостојниот и навредлив чин со кој бил изменет муралот на света Мајка Тереза на „Школка“ во Градскиот парк во Скопје.

Од Црквата велат дека со додавање на марама на ликот на светицата се повредуваат верските чувства на верниците и на сите почитувачи на нејзиното дело. Во соопштението се потсетува на значењето на Мајка Тереза за Скопје, Македонија и светот, нагласувајќи дека таа со својот живот и дело ја направила земјата препознатлива како пример на хуманост и љубов кон сиромашните и болните.

„Почитта кон верските чувства е темелен принцип на секое демократско општество. Слободата на уметничко изразување е драгоцена, но таа мора да се остварува со почит кон достоинството и кон она што е свето за една заедница“, стои во реакцијата.

Католичката црква ја повика јавноста на поголема свесност и одговорност за значењето на светите личности и простори, а надлежните институции да преземат мерки за заштита на верските чувства на граѓаните и превенција на вакви појави во иднина.

Истовремено, од Црквата упатија благодарност до сите граѓани и заедници кои реагираа и го осудија чинот, оценувајќи го како „срамен и недостоен за делото на светицата родена во Скопје“.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.