Навивач на ПАОК починал од срцев удар откако ја слушнал веста за трагичната сообраќајна несреќа во Романија

Трагедијата што ја погоди навивачите на грчкиот клуб ПАОК доби ново, шокантно продолжение, 54-годишен жител на Лариса починал од срцев удар откако дознал за смртоносната сообраќајна несреќа во Романија, во која загинаа негови пријатели и колеги-навивачи.

Несреќата се случила вчера на романски автопат и го одзела животот на седум млади грчки навивачи на ПАОК. Тие патувале со минибус од Катерини кон Франција за да го гледаат натпреварот од Лигата на Европа помеѓу ПАОК и Лион, што е закажан за четврток вечер.

Починатиот од Лариса веќе имал сериозни срцеви проблеми, а трагичната вест дека негов пријател е меѓу жртвите го довела до сериозен срцев удар. Присутните се обиделе да му укажат прва помош, но сите напори биле залудни. Тој веќе имал закажано операција на срце во наредните денови.

Според податоците од романската сообраќајна полиција, минибусот со десет патници, кој доаѓал од Грција кон Франција, се обидел да престигне на националниот автопат во близина на месноста Лугојелул, на влезот во обиколницата Лугој. Во обидот да се врати во својата лента, минибусот се судрил со цистерна и бил исфрлен во спротивната насока, каде што се судрил со камион.