Не е време за партиски препукувања – Зибери: Здравје на граѓаните да се стави пред политиката

Не е време за препукување на партиите и собирање на политички поени, вели претседателот на собраниската комисија за здравство пратеникот од ДУИ Арбен Зибери, кој ја вршеше и функцијата директор на Центарот за јавно здравје Скопје. Тој додава дека мерките се предлагаат врз основа на развојот на ситуацијата на терен, решенија се предлагаат од страна на здравствени експерти, епидемиолози и виролози , стручни лица кои го имаат предвид најдобриот интерес на граѓаните.

„Кога станува збор за јавното здравство, мислам дека политичките партии треба да ја одвојат политика, за доброто на јавното здравство, за доброто на сите граѓани, бидејќи гледаме зголемување на заразените со Ковид 19. Секој ден тие бараат помош од болниците. Ги повикувам политичките партии да ги остават настрана своите политички интереси“, вели Зибери.

Од СДСМ обвинуваат дека опозицијата го блокира носењето на законот за заштита на населението од заразни болести.

„Опозициската ВМРО ДПМНЕ го одолговлекува и блокира носењето на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, со кои на граѓаните треба да има се обезбеди поголема заштита од Ковид 19.Со блокирање на мерките, кои се исти и слични како во голем број еврпски држави Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ го загрозуваат здравјето на сите граѓани“, велат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ се оградува дека го кочи законот. Додаваат дека само бараат нова здравствена комисија која ќе биде професионална

„Сакам да ги известам пред се граѓаните дека во овој закон воопшто не се споменуваат било какви мерки. Во овој закон кој што е доставен до собранието единствено околу да не речам преку 95 проценти во законот е која инспекција да казнува. Значи во законот моментално само се дава надлежност на инспекциите да казнуваат“, рече Владо Мисајловски.

Измените на законот се предложени за да се донесат нови мерки кои ги предлага Комисијата за заразни болести со цел спречување на ширењето на коронавирусот меѓу населението. Новите мерки предвидуваат задолжително носење маски или заштитна опрема преку устата и носот секаде при престој на отоврено, на затворено во јавни објекти, на работно место и во јавен и приватен транспорт, со одредени исклучоци. Исклучок за не носење маска е во случаи на спортување на отворен простор и на затворено со почитување на протоколите за заштита, при транспорт со приватно моторно возило ако сите лица во возилото се од едно семејство или живеат во заедничко домаќинство, во угостителските објекти со почитување на протоколите за дистанца и дезинфекција, при престој во службена просторија – канцеларија ако лицето е само во просторијата, како и за децата до 6 години, односно за деца од претшколска возраст.

Другата мерка е забрана за групирање во домови на семејни прослави, слави и други собири во групи, при што се предлага на семеен настан во едно живеалиште, стан или куќа да може да се примат најмногу четири лица . Предложено е и да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22:00 часот односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или било каде на отворено.

.

Извор: ТВ21