„Не може да одговара службено лице за тоа што некој во својот дом или приватен објект не поставил уреди за заштита од пожар. Тоа е правно невозможно.“
Со оваа теза, познатиот адвокат Еленко Миланов, бранител на поранешниот директор на ДЗС Беким Максути, ја оспори правната квалификација на обвинението.
Миланов правно го деконструираше обвинението, тврдејќи дека Максути се товари за дела кои може да ги стори само сопственик или корисник на објектот, а не државен функционер. „Како може Беким Максути да одговара затоа што приватниот објект ’Пулс‘ немал противпожарни уреди? Како може тој да ги одржува во исправна состојба? Нема причинско-последична врска меѓу неговата функција и пожарот,“ истакна Миланов.
Адвокатот нагласи дека причината за трагедијата е јасна и утврдена – непромислената употреба на пиротехника од страна на бендот, кои и самите ја платиле цената со своите животи. „Од 2009 година нема инспектор на ДЗС во Кочани. Ќе ви докажеме дека и денеска нема, но тоа не е причина за пожарот,“ рече тој.
Миланов додаде дека објектот бил изграден (1999-2001) пред ДЗС воопшто да постои (2005), и дека до Дирекцијата никогаш не била доставена проектна документација за „Пулс“.
ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ БЕКИМ МАКСУТИ?
(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)
Беким Максути (47), директор на ДЗС во периодот од 03.11.2020 до 20.08.2024 година, се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.
Обвинителството го товари за системска негрижа:
- Институционален молк: Не донел одлука за назначување инспектор во Кочани, оставајќи ја општината без надзор за заштита и спасување .
- Пропуст во надзорот: Иако знаел дека нема инспектор, дозволил годишните планови за работа да бидат формални, без да се спроведе реален надзор на ризични објекти како „Пулс“.
- Неспроведување на законот: Не презел мерки за да се осигура дека објектите имаат Елаборат за заштита од пожари и План за спасување, што придонело за хаосот за време на евакуацијата .