Нетанјаху се заканува со продолжување на војната

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се закани дека ќе се повлече од примирјето во Газа и им наложи на војниците да се подготват за продолжување на борбите против Хамас доколку милитантната група не ослободи повеќе заложници во сабота, јавува денеска АП.

Хамас во понеделникот – и повтори во вторникот – дека планира да го одложи ослободувањето на уште тројца заложници откако го обвини Израел дека не ги исполнил условите од примирјето, вклучително и не дозволување договорен број шатори и друга помош во Газа.

Во услови на зголемени тензии, американскиот претседател Доналд Трамп го охрабри Израел да повика на ослободување на уште повеќе преостанати заложници во сабота.

Трамп ја доведува во прашање трајноста на прекинот на огнот.

По средбата со јорданскиот крал Абдула Втори во Белата куќа во вторникот, Трамп предвиде дека Хамас нема да ги ослободи сите преостанати заложници како што тој побара.

„Мислам дека тие лично нема да го испочитуваат крајниот рок“, рече Трамп за Хамас.

Откако стапи на сила примирјето, Хамас ослободи 21 заложник во серија од пет размени за повеќе од 730 палестински затвореници. Втората фаза бара враќање на сите преостанати заложници и неодредено продолжување на прекинот на огнот.

Сепак, изјавите на Трамп за нерешени прашања и планови за повоена Газа ја дестабилизираа нејзината кревка архитектура.

Не беше јасно дали заканата на Нетанјаху се однесуваше на тројцата заложници закажани за ослободување во сабота или на сите преостанати заложници, што би претставувало отстапување од условите на примирјето. Канцеларијата на Нетанјаху соопшти дека „го поздравила барањето на претседателот Трамп“, според АП.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното