Николоски: Пред нас имаме стабилна година, деветта авиолинија ќе биде воведена во земјава!

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска најави нова деветта авиолинија која ќе биде воведена во земјава. На меѓународната конференција за бизнис дипломатија, Николоски изјави дека иако се уште не може да открие повеќе детали, тој очекува оваа нова авиолинија да го усреќи македонската дијаспора.

„Утрово имам потврда за деветта авиолинија, но се уште не можам да ја кажам јавно. Мислам дека нашата дијаспора ќе биде многу среќна кога ќе ја слушне. Како Влада во овие 6,5 месеци имаме девет нови авионски линии, а можам да најавам и почеток на реконструкција на терминалната зграда на охридскиот аеродром“, истакна Николоски.

Во текот на конференцијата, министерот се осврна и на други инфраструктурни проекти, најавувајќи дека до почетокот на летната сезона ќе бидат завршени 40 километри од автопатот Охрид – Кичево, а во следниот период ќе има „многу убави вести“ за брзата пруга на Коридорот 10, која ќе го поврзува Македонија со останатите делови на Европа.

Николоски исто така најави реконструкција на терминалната зграда на аеродромот во Охрид и додаде дека Владата работи на интензивни инфраструктурни проекти, како изградба на нови автопатишта, меѓу кои и на патиштата Прилеп – Битола и Охрид – Кичево, како и на автопатот кон Косово.

„Пред нас имаме стабилна година и мислам дека ќе биде исклучително успешна. Доколку во нашиот најголем трговски партнер, Германија, барем се стабилзиира состојбата ако не оди нагоре, во тој случај мислам дека ќе бидеме број еден во регионот. Тука, секако, најзначаен е бизнис секторот од кој очекуваме сериозна поддршка. Очекуваме и рекорден број странски инвестиции, независно дали од постојните или од нови. Досега отворивме 42 километра експресни патишта. Во следните три месеци очекувам отворање на уште десет километри, а до крајот на годината и да заврши целосното решение од главниот град до Прилеп или автопат или експресен пат. Моментно интензивно работиме на преку 150 километри автопатишта во државата, се гради Прилеп – Битола, Охрид – Кичево, популарната Стража, има тендер за Скопје – Блаце за конечно да се заврши и тој автопат, кон Косово“, рече министерот.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното