Грчките власти ги советуваа жителите на егејскиот остров Санторини утре да ги затворат училиштата, да избегнуваат две мали пристаништа и да се воздржат од собирање во затворени простории по зголемената сеизмичка активност во областа во последните денови.
Серија земјотреси со јачина до 4,3 степени според Рихтеровата скала се регистрирани во петокот и саботата на подрачјето меѓу вулканскиот остров Санторини и Аморгос, соопшти вчера попладне Министерството за цивилна заштита, пишува Ројтерс.
Една од најпосетуваните грчки туристички дестинации
Министерството рече дека активноста не е поврзана со вулканска активност, но експертите предложија мерки на претпазливост, вклучително и затворање на училиштата на 3 февруари. Тие, исто така, ги повикаа луѓето да не пристапуваат и да не остануваат во малото пристаниште Амуди и пристаништето Фира, кое главно опслужува бродови за крстарење.
Според Геодинамичкиот институт во Атина, земјотреси со јачина од 2,8 до 4,5 степени ја погодија областа во неделата наутро, но не предизвикаа штети. Грција се наоѓа на неколку раседи и често е потресена од земјотреси.
Санторини е една од најпопуларните туристички дестинации во Грција. Една од најголемите ерупции во историјата, околу 1600 п.н.е., го формирала островот во неговата сегашна форма. Последната ерупција во областа се случила во 1950 година.
Стручна анализа
Претходно сеизмологот Герасимос Пападопулос го коментираше развојот на ситуацијата, истакнувајќи дека „како што се зголемуваат магнитудите, се зголемува и сеизмичкиот ризик“. И наведува дека регистрираните земјотреси биле од тектонско, а не од вулканско потекло, пренесува Greekcitytimes.
Пападопулос вели дека од почетокот на јануари се регистрирани меѓу 150 и 200 земјотреси, а повеќето се случиле минатата недела. Тој нагласи дека мал број земјотреси биле директно насочени кон Санторини; повеќето се наоѓале на 10 до 30 километри североисточно од островот.