Собранието ја усвои потребата од носење на законот за класифицирани информации со што се овозможува НАТО партнерите да можат да вршат инспекција како се менаџира со класифицираните информации. Опозицијата стави забелешка на новото работно место со што во иднина Дирекцијата за класифицирани информации ќе има заменик директор за институција со 40-ина вработени. Најавија амандмани во делот кои лица може да имаат безбедносен сертификат.
„Новото решение кое што е во парламентарна процедура нуди уште едно функционерско место заменик директор во оваа институција. Сметаме дека апсолутно е непотребно и е несериозен однос кон трошење на финансиските средства со кои располага оваа институција. Отвараме и една нова тема а тоа е дали лица со кои што поседуваат двојно државјанство треба да имаат безбедносен сертификат од највисок степен“, вели Емил Димитриев.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека веќе се вградени дел од забелешките во претходните расправи и притоа истакна дека со законот точно е дефинирано која ќе биде процедурата за издавање безбедносни сертификати и пристапот на класифицираните информации од страна на НАТО. На критиките на опозицијата врати дека се лицемерни ваквите забелешки бидејќи претходната влада го зголемила дупло бројот на вработените во оваа институција.
„Во заложбите за намалување или зголемување на луѓето кои што работат во дадениот сектор, само да ве потсетам дека во претходните години Дирекцијата за заштита на класифицирани информации од 20 нарасна на над 40 вработени. И затоа звучат прилично лицемерно забелешките за еден кога една Дирекција која што се занимава со истата работа, претходната влада и ги дуплирала вработените.“, рече Шеќеринска.
Со овој закон, како што посочи и самата министерка се усогласува со законот за инспекциски надзор, понатаму постои дел во кој што има обезбедување на лица кои ќе пријават класифицирана информација за прикривање на пречекорување на овластување, злоупотреба на функција или друго незаконско дејство. Со предлог законот се зголемуваат казнените одредби при злоупотреби како и одземање на безбедносен сертификат .