Нов пик на новозаразени од коронавирус во Македонија. Регистирани се и најповеќе починати лица во еден ден, а во регионот последната недела сме на врвот со заразени лица од Ковид-19, ова го покажува анализата која ја направи ТВ21.

Откако на 16-ти април имавме пик со новозаразени од 107 случаи на тестирани 660, денеска регистираме нов со 89 заразени на 727 направени тестови.
Процентуално гледано денес 12,24% се позитивни од тестираните, а на 16-ти април 16,21.

Рапиден е растот во последните три денови на нови случаи со коронавирус. На 30-ти мај од 1100 направени тестови, 35 лица беа позитивни, следниот ден на последениот од месец мај, од направени 771 тестови, 62 лица беа позитивни, денеска пак од 727 тестови, 89 се позитивни, за втор пат најповеќе од првиот регистриран случај.

Бројот на смртни случаи денеска направи пик. Досега, најповеќе починати имавме во два денови, на 14-ти април и 28-ми април, односно во периодот кога имавме и рекорден број на новозаразени во еден ден. Денеска со 7 починати лица за 24 часа.
Во ГОБ „8 септември“ починаа 6 лица, двајца од Скопје на возраст од 83 и 80 години, двајца од Куманово на возраст од 73 и 66 години, еден пациент од Струга на 44 години и еден од Тетово на 65 години. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина еден пациент од Тетово, 54 години.

Гледано по недели, најповеќе смртни случаи сме имале во седмата недела, регистрирани се 23 лица, потоа следува неделата која веќе е зад нас, со 20 лица. Последната, дванаесета во која се впишано само податоците од денеска, има 7 починати лица и претставува брз раст на бројот на починати од коронавирус.

Споредбено со останатите земји во регионот, Македонија е на врвот во последната недела со новозаразени лица. Веднаш потоа следува и Србија каде што бројот постојано варира, следува Албанија со речиси константен број на новозаразени кои се движат од 20 до 25, а потоа следуваат Бугарија и Грција. Хрватска е земјата во која од седум денови, 5 беа без новозаразен а во останатите два имаше само по еден случај.
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 17 оздравени пациенти. Оздравени пациенти се регистрирани во:
- Скопје 2
- Прилеп 12
- Велес 3
Досега во земјата се направени вкупно 30302 тестирања на ковид -19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 312 теста се во рамките на скринингот во градинки и геронтолошки установи.Тестирањата се направени преку Центрите за јавно здравје Прилеп и Скопје, а регистрирани се 3 позитивни случаи во геронтолошка установа во Скопје.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2315, бројката на оздравени пациенти е 1569, на починати е 140, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 606.
.