Две недели по појавата на птичји грип во Скопската зоолошка градина, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) регистрира нов случај на вирусот во населбата Злокуќани. Птичјиот грип е потврден кај угината гуска пронајдена во близина на езеро во затворен комплекс за домување.
Ова е повторна појава на птичји грип во Злокуќани по две години. АХВ изврши тестирање и на два живи лебеди од локацијата, при што не е потврдено присуство на вирусот, но преземени се мерки за дополнителни тестирања и претпазливост.
АХВ објави дека е воведено прогласување на болеста и наредени се контролни мерки за сузбивање на вирусот. Превземени мерки вклучуваат:
- Уништување и безбедно отстранување на диви птици, освен оние кои се чувани во затворен простор за лабораториски тестирања.
- Дезинфекција на одгледувалиштето и забрана за движење на живина и птици без дозвола на официјален ветеринар.
На 19-ти месецов, АХВ усмрти 35 птици во Скопската зоолошка градина, по што Зоолошката беше затворена за 21 ден – акција која предизвика реакции од Град Скопје.
Во меѓувреме, АХВ воведе мерки за заштита од болеста „син јазик“ кај говеда, овци и кози, откако во Демир Капија угинаа седум животни, а кај повеќе се забележани симптоми.