Последната објавена анкета од „Стратум“ повторно ги скара двете најголеми политички партии во земјава, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тоа е веќе и пракса, тој што има помал процент за успех, го обвинува другиот дека тој сам ја нарачал анкетата или пак обратно.
„Сите анкети од релевантни институции спроведени во изминатите неколку месеци покажуваат дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја ужива најголемата доверба кај граѓаните. Тоа е затоа што СДСМ зад себе има резултати, има одговорни државнички политики и реализирани над 7.000 проекти на локално ниво. Со тоа се потврдува дека СДСМ и „Најдоброто” се фаворити и убедливи победници на претстојните локални избори. Граѓаните прават разлика помеѓу одговорниот, државнички однос на СДСМ и деструктивноста и безидејноста на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од СДСМ.
Експресно реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ.
Анкетата е лажна и за политичка употреба пред самите избори, што најдобро ја отсликува нервозата во СДСМ и поразот кој им следи. Компанијата која е соработничка на владата сега е соработничка и на СДСМ. Веројатно самите анкети се правени на компјутерот во седиштето на СДСМ, а не врз основа на научен и репрезентативен примерок. За сето ова говори и фактот што управителката на Стратум Весна Кузмановиќ е соработник и со Зоран Заев, обвинува партијата.