Новата учебна година во Битола без струја?! – само едно училиште досега ги платило сметките

Две недели пред почетокот на учебната година, едно средно и осум основни училишта на подрачјето на Општина Битола останаа без електрична енергија поради неплатени сметки.

„Средното општинско училиште „Таки Даскало“ во Битола е единстевното училиште кое го подмири долгот кон ЕВН и повторно доби струја. Од Општина Битола велат дека долгот е подмирен во период кога сметката на училиштето не била блокирана“, вели нашиот репортер.

Но останатите девет образовни институции и натаму се без струја: Средното медицинско училиште „д-р Јован Калаузи“, како и основните „Св. Климент Охридски“, „Елпида Караманди“, „Гоце Делчев“, „Даме Груев“, „Коле Канински“, „д-р Трифун Пановски“, „Крсте Петков Мисирков“ – с.Бистрица и „Александар Турунџев“ – с.Кукуречани. Од ЕВН Македонија велат дека до сега не успеале да дојдат до решение за надминување на проблемот.

„Затоа е примената најнепопуларна мерка како последна законска можност за наплата на долгот. Остануваме отворени и понатаму за надминување и решавање на проблемот, согласно правилатa, прописите и процедурите кои важат за сите корисницки кои имаат неплатени долгови за потрошена електрична енергиjа“, изјавија од ЕВН Македонија.

Локалните власти велат дека долгот на училиштата, наследен од нивните претходници, е многу висок. Стравуваат од дополнителни проблеми во нивното натамошно работење.

„Општина Битола прави напори да ги надмине овие проблеми, но имајќи предвид дека долговите на училиштата се околу 4,5 милиони евра кон надворешни доверители и општината, состојбата е искучително сложена. Сепак, Општина Битола се надева дека за скоро време ќе се најде соодветно решение за надминување на овој проблем“, велат од Општина Битола

Општината додава дека за состојбата во образованието ги информирала сите владини надлежни институции и побарала помош,. Повеќе од десет училишта се со блокирани сметки веќе 7 години, а вкупниот долг изнесува над 4,3 милиони евра. Некои со години не плаќале струја, а Економското училиште седма година трошело струја на вересија. На крајот од учебната година учениците останаа и без бесплатен превоз, бидејќи надлежните не сакаат да им се повтори аферата „Транспортер“, за која екс-градоначалникот, директори на училишта и превозници се пред суд за измама со цените и лична заработка.

РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното