Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски најавија нов бран на пополнување на амбасадорските места, со силен акцент на професионализација на дипломатската мрежа. Според претседателката, дури 67 проценти од актуелните предлози се дипломати од кариера, што го надминува законскиот минимум од 50 отсто.
„Сметам дека е најдобро акцентот да го ставиме на дипломати од кариера. Се надевам дека во иднина ќе стигнеме и до 70 проценти кариерни решенија. Сепак, тоа не значи дека не треба да номинираме и луѓе надвор од фелата — професори, новинари или луѓе од бизнис секторот — кои се извонредни познавачи на проблематиката, го знаат јазикот и можат со дигнитет да ја претставуваат државата“, истакна Сиљановска-Давкова.
Министерот Муцунски потврди дека на последната владина седница биле предложени повеќе имиња, од кои над 60 проценти се вработени во министерството. Иако имињата официјално се со ознака „класифицирано“ до добивањето на агреманите, во јавноста веќе циркулира листата на нови претставници во клучните центри.
Кој каде е предложен? (Според неофицијални информации):
- НАТО (Брисел): Орхан Муртезани (актуелен министер за европски прашања)
- Софија: Крум Ефремов (поранешен амбасадор во Украина)
- Лондон: Илина Мангова (од невладиниот сектор)
- Стокхолм: Мухарем Јусуфи (кадар на МНР)
- Букурешт: Габриел Атанасов (кадар на МНР)
- Приштина: Катерина Тодоровска
- Хаг: Линда Салиеска Иљазоска (кадар на МНР)
- Стразбур (Совет на Европа): Светлана Гелева
- Генерални конзули: Томислав Димитровски (Солун) и Александар Крстевски (Мелбурн)
Откако ќе бидат потврдени од земјите домаќини, кандидатите ќе ги презентираат своите тези пред Комисијата за надворешна политика во Собранието. Сиљановска-Давкова ја охрабри Владата со ваквите предлози, нагласувајќи дека за државата е од суштинско значење квалитетот на луѓето кои нè претставуваат во светот.
