Нови избори, со стари проблеми. Аналитичарите за ТВ21 велат дека предвремени избори станаа традиција. И на овие избори според нив најголем проблем ќе биде непрочистениот избирачки список и изборниот законик. Аналитичарот Тодор Пендаров вели дека по неуспехот за добивање датум за преговори со ЕУ, актуелната влада не успеала да исполни и неколку други ветувања како што е прочистувањето на избирачкиот список, измената на изборниот законик и пописот на населението.
Аналитичарот Арсим Синани вели дека на овие избори се очекува да има промени во албанскиот политички блок. Според него, ДУИ треба да замине во опозиција
„Од овие избори, лично очекувам да се декриминализира политичката сцена, да се казнат политичките партии кои не ги исполнија очекувањата. Мислам дека од тој аспект ќе имаме малку по репрезентативна структура. Кај македонскиот блок никако не треба да дојде до израз нереформираната ВМРО. Додека кај албанскиот блок велам дека е време ДУИ да замине во опозиција бидејќи за цело ова време не покажа резултати и сето тоа е голема лага за албанското гласачко тело.“, вели Синани.
Предвремените парламентарни избори ги најави самиот премиер Зоран Заев откако неговата Влада не успеа да обезбеди датум за почеток на преговорите со ЕУ. Премиерот рече дека најдобро е граѓаните да го изберат патот по кој треба да се движи државата. Од друга страна, речиси сите опозициски партии побараа предвремени парламентарни избори.