Археолозите дојдоа до ново исклучително откритие на архајската некропола Расница кај струшкото село Корошишта — богато војничко погребување со комплетна воена опрема. Наодите вклучуваат штит, шлем, копја, меч, како и драгоцени предмети од злато, бронза и килибар.
Археолошкиот музеј денеска јавно ги презентираше резултатите од овогодишните истражувања предводени од д-р Перо Арџанлиев, во присуство на директорката на Музејот, Магдалена Манаскова, и директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева.
Според стручњаците, ова откритие фрла нова светлина врз општествениот статус, воената организација и погребните обичаи во Охридско-струшкиот регион во VI век п.н.е. Локалитетот за првпат ја брануваше јавноста во 2024 година кога беа пронајдени монументална гробница и богат материјал, меѓу кој бронзен шлем со златни апликации, златен надградник, сребрени игли и садови.