Жителите на Њујорк деновиве се будат во чад. Тоа е поради пожарите кои беснеат во западниот дел од САД.
Имено, поради атмосферски струења чадот од шумските пожари пристигна во т.н. „три-државен регион” составен од Њујорк, Њу Џерси и Конектикат.
Одделот за заштита на природната средина на Њуорк синоќа алармираше за нарушениот квалитет на воздухот, а според Националната администрација за океани и атмосфера (НОАА), рекордните жештини и сушата го зголемиле ризикот за шумски пожари ова лето.
Во Орегон пак, пожарникарите се обидуваат да стават под контрола пожар наречен „шверцерски” (Bootleg) што зафати шума на површина од околу 900 квадратни километри.
Овој пожар е само еден од низата, околу 80 пожари, што горат во десеттина држави. Само во Орегон и Вашингтон засега беснеат 16 пожари.
Пожар на површина од околу 50 квадратни километри има и во северна Калифорнија.
Експертите предупредуваат дека жешкото време и сушата се резултат на климатските промени, кои го направиле Западот најжежок и најсув во изминатите три децении. Жештините се очекува да бидат поекстремни а шумские пожари подеструктивни.