Обилни дождови го погодија Бразил, најмалку 14 мртви

Најмалку 14 лица загинаа, а 440 се раселени откако обилни дождови го погодија југоисточниот бразилски град Јуиз де Фора, соопштија од локалниот градски совет.

Дождовите предизвикале поплави и активирале свлечишта, а наставата во општинските училишта е прекината, информираа локалните власти. Мобилизирани се специјализирани тимови за помош и потрага по исчезнати лица. Повикани се федерални и државни агенции да му дадат поддршка на градот во сојузната држава Минас Гераис, каде што е прогласена состојба на катастрофа, се наведува во соопштението на градскиот совет.

Голем дел од Бразил влегува во врвот на дождовната сезона, која трае од декември до март, во периодот на летото во земјата, а се карактеризира со чести и обилни врнежи, грмотевични бури, поплави и свлечишта.

Од градскиот совет на Јуиз де Фора соопштија дека ова е најврнежливиот февруари во историјата на градот. Количината на врнежи е двојно поголема од очекуваната за овој месец. Градоначалничката Маргарида Саломао на социјалните мрежи напиша дека ситуацијата е „критична“.

Бразилскиот Национален институт за метеорологија во вторникот издаде предупредувања за обилни дождови во одредени делови од 14 сојузни држави, вклучително и целото подрачје на Минас Гераис и Рио Де Женеиро.