Пренапон што предизвикал раздвојување меѓу 400 kV и 110 kV преносни мрежи е причината за блек-аутот во Северна Македонија на 18 мај оваа година. Ова го покажа сеопфатниот фактички извештај објавен денеска од експертскиот панел предводен од Европската мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија (ENTSO-E).
На 18 мај 2025 година, во 04:59 часот наутро (CEST), електроенергетскиот систем доживеал одвојување на мрежите. Овој настан довел до целосен блек-аут во 110 kV мрежа, што резултирало со губење на приближно 79% од вкупниот национален товар на електрична енергија.
МЕПСО, операторот на преносниот систем на Северна Македонија, веднаш го започнал процесот на обновување на системот. Струјата била целосно вратена во 07:47 часот, односно за помалку од три часа по блек-аутот.
Во извештајот се наведува и дека истиот ден, бугарската контролна област влегла во состојба на тревога во траење од 8 часа поради високи напони во западниот дел од нивниот систем. Остатокот од електроенергетскиот систем на Континентална Европа не доживеал значителни нарушувања.
Објавениот фактички извештај е првиот голем извештај на Експертскиот панел. Овој панел е формиран согласно регулативите на ЕУ и вклучува претставници од оператори (TSOs), Агенцијата за соработка на енергетските регулатори (ACER) и националните регулаторни тела (NRAs).
Последниот чекор од истрагата ќе биде финалниот извештај, кој се очекува во првиот квартал (Q1) од 2026 година. Овој извештај ќе вклучува детална анализа на основните причини и ќе содржи препораки за да се спречи повторување на слични инциденти во иднина.