Мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Босна и Херцеговина денеска го поздрави пристапувањето на Босна и Херцеговина во Механизмот за цивилна заштита на ЕУ.
Благодарение на овој механизам, се зајакнува соработката и солидарноста на полето на цивилната заштита помеѓу 27-те земји членки и седум земји учеснички, со цел подобрување на превенцијата, подготвеноста и одговорот на природни и други катастрофи, соопшти мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина.
Како полноправна членка на Механизмот, БиХ ќе има можност за поефикасна координација на активностите за подготвеност и спасување со надлежните домашни и меѓународни актери, стои во соопштението.
– Пристапот до најдобрите примери од пракса и искуства на членките на Механизмот ќе и помогне на БиХ да ги подигне сопствените политики на повисоко ниво. Со се почестата појава на природни опасности, таквите политики за работа на системот за цивилна заштита ќе му овозможат да дејствува многу поефикасно со цел ублажување на последиците од кризни состојби, вклучително и последици од шумски пожари, поплави и земјотреси, се наведува во соопштението.
Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина, се вели во соопштението, е горда на својата улога во помагањето на БиХ да го направи овој важен чекор напред.
