ОБСЕ/ОДИХР: Вториот круг на локалните избори се одвиваше уредно, но не сите кандидати имаа еднакви услови

Меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР оцени дека вториот круг од локалните избори во земјава се одвивал уредно, а кампањата била конкурентна, иако не сите кандидати имале еднакви услови за изборна кампања. Загрижувачки остануваат притисоците врз гласачите и наводите за купување гласови.

Матео Мекачи, шеф на набљудувачката мисија, изјави дека основните слободи на изразување, здружување и собири биле почитувани и дека учесниците имале можност слободно да водат кампања.

Тој посочи дека, иако вториот круг се одвивал уредно и кампањата била конкурентна, не сите кандидати имале еднакви услови. Кампањата била повоздржана во однос на првиот круг, со поединечни случаи на лични напади меѓу кандидатите и партиските лидери.

Набљудувачите изразија загриженост поради:

Вклученоста на владини претставници во изборниот процес;

Притисоците врз гласачите и бројни обвинувања за купување гласови.

Мекачи додаде дека, иако правната рамка обезбедува техничка основа за демократски избори, сѐ уште постојат бројни недоследности и слабости, особено во однос на изборната администрација, пристапот до медиумите и системот за решавање изборни спорови.

За вториот круг на локалните избори биле акредитирани вкупно 1.622 набљудувачи – 957 домашни и 651 меѓународен, како и 14 странски новинари. Најмногу меѓународни набљудувачи – 500 – акредитирала мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.