Обвинение против 13 полицајци за пожарот во Кочани

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска поднесе Обвинителен акт против 13 полициски службеници до Основниот кривичен суд Скопје, во врска со пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани. По спроведената сеопфатна истрага која опфати вкупно 27 полициски службеници, обвинителството утврди дека тринаесетмината се теретат за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.

Според наводите на обвинителството, во периодот од 14 до 16 март 2025 година, обвинетите не постапиле согласно прописите за безбедносни мерки. Иако спроведувале План за акциска контрола на угостителски објекти на подрачјето на Полициската станица Кочани, тие не извршиле проверка дали објектот ги исполнува сите законски услови и дали се почитуваат оперативните процедури за проценка на ризик.

Клучниот пропуст, според обвинението, се случил на 16 март 2025 година. Дел од обвинетите, постапувајќи по планот за контрола во кабаре „Пулс“, не презеле мерки за заштита на присутните, ниту го спречиле активирањето на пиротехничка опрема на сцената – иако истата не била пријавена во ПС Кочани. Како директна последица на несоодветните услови и употребата на пиротехника, избувнал пожар во кој животот го загубија 63 лица, а 223 се здобија со тешки телесни повреди.

Злоупотреба на службената положба и финансиски малверзации

Покрај ова, поднесен е и обвинителен предлог против девет полициски службеници за „Злоупотреба на службена положба и овластување“. Истрагата покажала дека тие овозможиле кабарето „Пулс“ да добие лиценца за работа во 2022 и 2023 година без детални проверки, со што прибавиле значителна имотна корист за правното лице и за неформалниот сопственик на клубот, во вкупен износ од над 600.000 денари.

Дополнително, тројца полициски службеници се гонат бидејќи при изготвување на записници за прекршоци, внесувале неточни податоци за одговорните лица, со намера да ги спасат од прекршочни постапки.

Запирање на истрагата за дел од осомничените

За седуммина од првично осомничените полициски службеници, јавниот обвинител донесе Наредба за запирање на истражната постапка. За дел од дејствијата преземени во периодот од 2012 до 2019 година е утврдено дека настапила застареност на кривичното гонење.

За останатите, обвинителството оценило дека нивните надлежности биле ограничени на јавниот ред и мир и сообраќајот, а не на противпожарната заштита, поради што нивните постапки не можат да се доведат во директна причинско-последична врска со настанувањето на кобниот пожар.

За сите обвинети лица остануваат на сила мерките за обезбедување на нивното присуство во постапката до одлука на надлежниот суд.