Од денеска поевтинуваат над 1000 производи поради владината одлука за ограничување на профитните маржи и замрзнување на цените. Трговците изразија загриженост и побараа средба со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија Бесар Дурмиши.
Според владината одлука, на пет проценти се ограничува профитната маржа за млеко, леб, брашно, јајца, масло, јогурт и кисело млеко, на 10% за месо, шеќер, млечни производи, ориз и тестенини, а на 15% за хигиенски средства, овошје, зеленчук и бебешка храна.
Одлуката стапува на сила и ќе важи до 30 април. Опозицијата ја оцени како задоцнета, барајќи порадикални мерки и намалување на ДДВ за основните производи. Трговците предложија селективно намалување на цените за најнеопходните артикли.