Од Лондон до Дубровник патуваа речиси 24 часа: „Се надевам дека ќе имаме доволно гориво“

Патниците на Бритиш ервејс на летот БА 2832 требаше да слетаат во Дубровник во недела во 21 часот и 25 минути, но поради невреме, слетувањето не беше можно и тука започнува нивната драма.

Пилотот околу половина час кружел околу Дубровник, но поради невреме не можел да слета, па ги известил патниците дека ќе слета во Загреб. За тоа време патниците гледале како други авиони полетуваат и слетуваат на аеродромот во Дубровник, пишува Јутарњи.

Патниците беа вознемирени и од најавата на пилотот дека „се надева дека ќе има доволно гориво за да стигне до Загреб“.

Имало доволно гориво и авионот со околу 150 патници слетал на меѓународниот аеродром во Загреб 20 минути по полноќ. Патниците за Јутарњи рекоа дека никој не ги пречекал на аеродромот, ниту им објаснил што треба да прават, а со оглед на тоа што ништо не работи на аеродромот, велат дека можеле да купат вода само од автоматот.

Дополнително, не добиле ниту информација кога треба да заминат за Дубровник. Пилотот само им објаснил дека не можат да заминат додека тој не одмори најмалку 12 часа.

Од Меѓународниот аеродром во Загреб, пак, тврдат дека ги сретнале патниците при излегувањето од авионот и им дале известување од авиокомпанијата да си најдат сопствено сместување и дека Бритиш ервејс ќе им ги надомести трошоците. Додаваат и дека патниците ги однеле во такси и дека повеќето од нив за многу кратко време го напуштиле аеродромот.

Патниците на Бритиш Ервејс добиле известување за времето на поаѓање по СМС, како и објаснување дека не можат да слетаат во Дубровник поради лошото време. Прво им било кажано дека ќе полетаат во 13 часот и 30 минути, но подоцна и тој датум бил поместен. Конечно полетаа за Дубровник во 15:30 часот.