Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, само 48 часа по преземањето на функцијата, објави дека е постигнат договор со приватните превозници за нивно враќање во јавниот превоз.
Од понеделник, 55 приватни автобуси со лиценци ќе бидат вклучени во сообраќај, што Ѓорѓиевски го оцени како клучен чекор за нормализирање на јавниот транспорт.
До Нова Година се очекуваат уште најмалку 20 возила, со што вкупната бројка од приватните превозници ќе достигне 75 автобуси.
Градоначалникот потврди дека долгот кон превозниците, кој изнесува околу 117-118 милиони денари, ќе биде предмет на договор следната недела и ќе се исплаќа во иднина, по промените во раководството на ЈСП.
Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници, потврди дека имаат одлична комуникација со градоначалникот и дека со нивните еколошки и климатизирани возила ќе се врати редовноста на линиите.