Се ближи крајот за автомобилите на Фолксваген со мотори со внатрешно согорување во Норвешка.
Норвешкиот увозник на VW Møller Mobility Group штотуку го потврди планот за затворање на сите нарачки за бензински и дизел автомобили во земјата до декември 2023 година. После тоа, ќе ги продава само своите електрични модели, пишува Electrek.
Не е изненадување што Норвешка води во светот во усвојувањето на електрични автомобили. Електричните возила сочинуваат повеќе од 20 отсто од сите патнички возила во земјата и речиси 84 отсто од сите нови продадени возила. Според Норвешката федерација за патишта, бројката се зголемува на 90 проценти, сметајќи ги plug-in хибридите.
Норвешката влада, исто така, планира да ги забрани сите возила со мотори со внатрешно согорување од 2025 година, најраната од која било земја, со што Volkswagen ќе биде пред другите производители за една година.
Во последните 10 години, Фолксваген извезол повеќе од 102.000 електрични патнички автомобили во Норвешка. VW ID.4 е наведен како втор најпродаван автомобил во сите погонски единици во Норвешка, со 5.832 модели регистрирани до крајот на септември. ID.3 е на осмото место со 2.615 продадени единици.
И покрај тоа, Tesla Model Y е најпродаваниот автомобил во Норвешка, со повеќе од 20 отсто пазарен удел, односно со 15.452 продадени примероци во првата половина од оваа година. Речиси секој четврти продаден автомобил оваа година е Tesla Model Y.
Треба да се напомене дека Норвежаните уживаа значителни стимулации да се префрлат на електрични возила, но владата почна да ги повлекува тие бенефиции, делумно поради огромниот раст на електричните возила, но и да поттикне помалку автомобили на патиштата (дури и електрични) во корист на пешачење, возење велосипед и јавен превоз.
Затоа, воведен е нов начин на наплата на ДДВ. Новата шема за ДДВ работи на принципот дека колку поскап е електричниот автомобил, толку е поголема давачката за ДДВ.